Овоштари од Росоманско попладнево изразија вознемиреност по најавата на рускиот регулатор за безбедност на храна дека од 15 август ќе воведе забрана за привремен увоз на некои коскести плодови од Македонија и Србија поради загриженост за безбедноста.
- Во моментов околу 500 тони праски чекаат во ладилникот, имаме најава за 20 камиони за утовар за Русија, но сега работата е стопирана. Ова се и последните количини на праска зашто бербата е при крај, рече Владо Орданов од Росоман, еден од поголемите откупувачи на праски и сопственик на ладилник.
Градоначалникот на Росоман Бранко Јанев нагласи дека во моментов бербата на последните сорти праски е при крај.
- За оваа година бербата на праските е при крај и сметам дека нема да се одрази негативно, но долгорочно ако се гледа не е добар потег, додаде Јанев.
Општина Росоман е најголем производител на праски во Македонија.