Непочитувањето на брзината кон состојбата и условите на патот и сообраќајната сигнализација од возачите е најчестата причина за сообраќајни незгоди на територијата на општина Струга.
Не изостануваат ниту недржењето страна и правец на движење, непочитување правила на првенство на минување, неправилно престигнување, недржење доволно растојание меѓу возилата... Ова го покажуваат податоците на СВР Охрид, според кои, најмногу незгоди се случувале во екот на туристичката сезона, односно јули и август, а веднаш по нив е и јануари.
Само во јули годинава на територијата на Полициската станица - Струга се случиле 22 сообраќајни незгоди, во кои нема загинати лица. Потешко повредени лица имало во два случаи, а во 11 учесниците се здобиле со тешки телесни повреди. Само со материјална штета поминале девет незгоди. Бројот на незгоди во јуни бил осум, во април и мај 15, во јануари имало 16, во февруари 10, а во март само три. Во првите седум месеци од годината се случиле 88 незгоди и сите поминале без жртви.
Во 2017 година се случиле 181 сообраќајка, а во 2016 година - 166, што значи има намалување на бројот на сообраќајките, но и во двете години имало по тројца загинати.
Статистиката на СВР Охрид покажува дека минатата година бројот на сообраќајни незгоди во јули бил поголем во однос на годинава, односно случени се 32 незгоди, што е за 10 повеќе од годинава. Во август имало 30 сообраќајки со една жртва, а загинато лице имало и во јануари кога се случиле 23 сообраќајни незгоди и едно во март. На ова подрачје во 2016 година имало само една жртва во февруари, кога биле случени 12 незгоди. И таа година најмногу незгоди се случиле во текот на туристичката сезона, односно 23 во јули и 37 во август.
Најголем дел од причинителите на сообраќајките се од Струга, потоа следуваат Охрид Дебар, Кичево, Скопје, а помал број се од Тетово, Гостивар, Битола, Прилеп, Куманово, Кавадарци и Штип. Сообраќајни незгоди предизвикале и државјани на Албанија, Австрија, Германија, Бугарија, Италија, САД, Косово, Црна Гора, Турција и Полска.
Во рамки на програмата за едукација на граѓаните, СВР Охрид реализира сообраќајно воспитно едукативна акција „Да ги заштитиме децата во сообраќајот“, што е дел од проектот „Полицијата и граѓаните заедно“. Изминатите години реализирани се едукативни кампањи за најмладите во детските градинки и основните училишта, со цел поголема безбедност на децата - учесници во сообраќајот.