Родители, полицајци, советници во Општина Кисела Вода и градоначалникот Филип Темелковски вчера беа во обиколка на повеќе локации низ општината каде има собирање на младите во доцните часови и на места каде што има евидентирани нарушувања на јавниот ред и мир и зачестени кривични дела.

Од Општина Кисела Вода соопштија дека обиколката се извршила на повеќе паркови, воспитно-образовни објекти, игралишта како и во напуштени објекти во урбаните заедници „11 Октомври“–Згради, „Цветан Димов“, Кисела Вода, Расадник и Пинтија. Со лицата кои биле таму затекнати, од општината велат дека се дискутирало околу законските правила и прописи за превенција од ситуации кои можат да доведат до посериозни нарушувања на јавниот ред и мир и безбедноста на жителите на ова подрачје.

Проектот „Соседска патрола” кој го спроведува Министерството за внатрешни работи, преку СВР-Скопје и ПСОН Кисела Вода, заедно со локалната самоуправа, има за цел зголемување на сигурноста и безбедноста на граѓаните во нивните населени места, како и намалување на кривичните дела и нарушувањата на јавниот ред и мир на ова подрачје. Истиот ќе продолжи и во наредниот период.



Автор: Администратор
Објавено на: 11/08/2018 16:05