Жителите на Скопје во 2010 година за првапат добија можност да изнајмат еден од 120-те достапни велосипеди распоредени на пет локации низ градот.
Проектот „Изнајми велосипед“ беше воведен со примарна цел велосипедот да се користи како превозно средство, особено во централното градско подрачје, како и со цел за покревање на јавната свест за промена на навиките на граѓаните за употреба на алтернативни средства за јавен транспорт.
Носител на проектот е Јавното претпријатие „Градски паркинг“- Скопје и е заедничка соработка со градот Скопје и Здружението на граѓани Еко Свест.
Идејата не заживеа и системот на станици за изнајмување и враќање на велосипедите остана на почетните пет локации на ЈП „Градски паркинг“ Скопје и тоа на јавните паркиралишта Треска, Градска болница, Општа Градска болница „8 Септември“, во општина Аеродром на зона Д3, зад Трговскиот центар Бисер, и во катната гаража „Македонска фаланга“.
Поставеноста на системот овозможува велосипедот што е изнајмен од една постојка, да биде вратен на друга. Најголем недостиг на ваквиот ситем се покажа дека е одговорноста на корисниците за велосипедите, кои често се враќаат во неисправна состојба или воопшто не се враќаат.
Изнајмувањето почнува на пролет, а завршува на 31. октомври секоја година. Изнајмувањето чини 10 денари од час, додека месечна претплата изнесува 1.500 денари. Одговорноста за одржување и сервис на велосипедите за изнајмување е на ЈП „Градски паркинг“.
Првиот обид за споделување градски велосипеди е во 1965 година
Идејата за споделување градски велосипеди, прв пат, се јавува во 1965 година во Амстердам под името „Бел велосипед“. Проектот е дело на група активисти кои повеќе обични велосипеди ги бојадисуваат во бела боја и ги оставаат отклучени на повеќе локации низ градот, за кој сака слободно да ги користи. Идејата пропаѓа откако големи дел од велосипедите се оштетени или украдени.
Копенхаген во 1995 година го претставува системот за споделување на велосипеди под името „Градски велосипеди“, што овозможува изнајмување велосипеди со железни пари на повеќе локации низ градот.
Првиот градски систем на изнајмување велосипеди со магнетни карти е претставен во 1998 година во Франција. Системот е партнерство меѓу градот Рен и компанијата „Clear Channel“, која го развива и управува системот „Smart Bike“, што овозможува бесплатно изнајмување на околу 200 велосипеди на 25 локации низ градот. Париз во 2007 година претставува сличен систем со шест илјади велосипеди, што до 2015 година ќе порасне на 18.000 велосипеди.
Шпанија е глобален лидер во феноменот на споделување градски велосипеди, каде во 2013 година ваква услуга нудат 132 градови низ земјата.
Нови Сад, Загреб и Љубљана - позитивните искуства од регионот
Паркинг сервисот на Нови Сад во Србија управува со „NS Bike“ системот за изнајмување градски велосипеди. Системот за споделување е автоматизиран и нуди 24 часовно изнјамување на велосипеди на 13 локации низ градот.
Изнајмувањето на велосипеди се врши со корисничка картичка на специјално дизајнирани автомати кои се поставени на секоја од локациите со велосипеди. Цената за еден час е 30 српски динари, а сезонскиот билет чини 1.100 српски динари. Изнајмувањето е ограничено на максимум пет часа за обични и седум часа за корисници на сезонски билет. Изработката на корисничка картичка за изнајмување на велосипеди чини 600 српски динари и е персонализирана, односно корисникот е должен опремата и велосипедот по употреба да ги остави во исправна состојба, а во спротивно е обврзан да плати штета. Во Љубљана функционира „Bicikelj“. Системот располага со 38 станици за 24-часовно изнајмување велосипеди, седум дена во неделата. Велосипедите се лесни за секојдневно користење и опремени се со корпа за пазарување, предни и задни светла и систем за заштита од кражби. Изнајмувањето на велосипедите се врши со „Урбан“ картичка и е бесплатно за првиот час. Доколку патувањето е подолго од еден час се наплатува надомест од едно евро за вториот, две евра за третиот и четири евра за четвртиот и секој следен час користење. Издавањето на „Урбан“ картичката чини три евра за годишна картичка и едно евро за еднонеделна картичка. Во Загреб функционира системот „Nextbike“. Изнајмувањето се врши со мобилна апликација, преку телефон или на автоматите поставени на 17 локации низ градот. Изнајмувањето чини пет куни за половина час за корисници без претплата. Со годишна претплата од 200 куни корисниците добиваат неограничен број на возења до половина час и плус дополнителни 1.200 минути, додека по надминување на овие минути секој следен половина час чини пет куни. Скопје и велосипедски патеки Неуспехот на проектот „Изнајми велосипед“ во Скопје треба да се бара и во недостигот на соодветна инфраструктура за користење на велосипед за секојдневно движење низ градот. Скопје располага со доволно велосипедски патеки, но проблемот е во нивната лоша поврзаност и нелогичноста во премините. Низ градот Скопје пред најавата на проектот „Велоград“ во 2015 година има околу 60 километри велосипедски патеки долж улиците, од кои 51 километар се вклучени во проектот и требало да бидат реконструирани. Дополнително, долж кејот на реката Вардар има околу 21 километар велосипедски патеки. Проектот требаше да заврши во 2017 година. Според најавеното, проектот е поделен во четири рути во насока исток-запад и седум конектори во насока север-југ. Првата рута е предвидено да ги поврзува општините Гази Баба-Центар-Карпош со вкупна должина од осум километри на велосипедски патеки. Втората рута ги поврзува општините Аеродром-Центар-Карпош-Ѓорче Петров со вкупна должина на велосипедски патеки од околу 11 километри. Рутата Три ги поврзува Кисела Вода - Центар - Карпош со должина околу 8,5 километри. Рутата Четири треба да ги поврзе општините Бутел-Чаир-Центар со вкупна должина на велосипедски патеки од околу пет километри. Проектот предвидува и изградба на вкупно седум конектори во должина од околу 19 километри, што треба да ги поврзат главните рути меѓусебно. Александар Атанасов