Во рамки на манифестацијата „Научна и уметничка визита – Охрид 2018“ што се одржува во организација на МАНУ, викендов беа промовирани две интересни научни изданија, зборникот трудови „Лихнид и Десаретија“ на академик Вера Битракова – Грозданова и романот „Полифонисти“ на академик Луан Старова.
Во Куќата на Уранија синоќа во присуство на бројни научни работници, членови на МАНУ, археолози и културолози зборникот на Битракова го промовираа академик Георги Старделов и проф.др Силвана Блажевска.
За последното издание на Битракова, Старделов истакна дека е дело пишувано половина век, значаен труд посветен на Охридско-преспанскиот регион со сите тајни што ги крие во себе.
- Десаретија ја открива како – Западна порта на антиката, без неа – Гетеовски кажано: немаше да знаеме од каде сме, што сме во историјата времето и просторот? Тоа е една илустрација на времето, откривањето и истрајувањето, од „Еурека” на Архимед до современиот Фуко. Само во археологијата вистината е несоборлива, но на начин како што тоа го прави Вера, спротивно од она што, последната деценија ни го наметна и во што не заробија истант - археолозите и политичарите, рече Старделов.
Професор д-р Блажевска од своја страна се осврна на истражувањата на Битракова - Грозданова за раната Антика особено некрополите околу Десаретските езера во хелинистичкиот период, клултурните врски со Епир, односно влијанието на Епир кон Илирик, како и другите горномакедонски региони, потоа за урбаната фаза во Римското царство и елеменнтите градската римска управа (Античкиот театара во Охрид), старото градско јадро во Охрид во раната и доцна Антика.
Во рамки на Научната визита во петокот беше промовиран и романот „Полифонисти“ на Луан Старова во кој авторот зборува за, како што и самиот истакна, „Животот во егзил, најчесто се одвива под знакот на бегалската судбина“.
- Никогаш не стигнувате на вистинското место и во вистинско време. Балканците живеат во егзил во однос на Европа, но и во однос на самите кон себе, забележа тој.
Неговиот 13 роман од сагата трудови насловени „Балканска сага“ е посветен на полифоното пеење што го негуваат повеќе народи на Балканскиот полуостров, како најстар облик на вокално изразување.
- Таков е мојот роман. Полифоното пеење е најстариот облик на вокално-музичко изразување на Албанците. Класичното полифоно пеење обично беше двогласно и трогласно, го негуваа старите медитерански народи, во прв ред, Корзиканците, старите Грци, но и други. Албанците се можеби, единствени во светот, кои практикуваат четиригласно полифоно пеење. И семејството од мојата Балканска сага, оваа пеење, како химна, го носи во својот егзил, рече академик Старова, писателот кој себе си се претставува како Албанец-Македонец.
Научната визита на МАНУ во Охрид ќе биде заокружена на 27 август кога ќе биде промовиран зборникот „За и од Киро Глигоров“, а по повод 25-годишнината од приемот на Република Македонија во Обединетите нации.