Манастирскиот комплекс Еленец денес по петти пат ги собра каменичките иселеници на Деновите на дијаспората организирани од општина Каменица.
Стотици жители на Македонска Каменица кои својата егзистенција ја побарале низ европските земји се собраа во манастирскиот комплекс да го одбележат настанот и добијат информации за нивни можни инвестиции во родната Каменица.
За Војо кој пред две години се иселил во Германија овие средби се убави за да не се заборави традицијата, но и да се одржат контактите. Вели дека во странство му е поубаво, но дека има многу идеи кои сака да ги сподели со општината.
- Ние сме две години во Германија со семејството, добро е, не е како тука, сите имаме работа, вработени сме. Иселени сме поради тоа што нема работа во Македонија. Жената работеше во конфекција и имаше слаби примања. Во Германија сум шофер и добро е. Што се однесува за враќање назад не планираме. Тука нема надеж, не гледам начин да се подобри работата. Можеби ако се отворат фабрики ќе останат младите, но и да останат треба добри плати. Еве сопругата работи во конфекција и зема 8.000 денари плата. Со толку средства секој е свесен дека не може да се опстане, вели Војо кој по потекло е од селото Цера.
Градоначалничката Соња Стаменкова, вели дека овој традиционален настан е доказ дека општината не ги заборава иселениците и дека нивното родно место ги чека со свои инвестиции да се вратат дома.
- Регионалниот пат како предуслов за потенцијалните инвеститори да покажат интерес за овој регион. Тој пат е веќе направен и во делот на инфрастуктурата има подобрување. Каменица има и индустриска зона која не е класична туку нуди многу поволности и полеснувања па затоа ги повикувам сите заинтересирани да повелат во новоотворената канцеларија за дијаспора и да се запознаат со се, рече Стаменковска.
На денешната средба на Еленец присутна беше и Зорица Апостолоска од Агенцијата за иселеништво на Македонија која потсети на мерките кои Владата ги креира и нуди на инвеститорите, особено за оние кои сакаат да вложат во изградба на нови фабрики да донесат нови машини, да вложат во знаење за работниците или да се ориентираат на извоз.
- Со пристапувањето во НАТО и започнувањето на преговорите со ЕУ сакам да ја пратам пораката до дијаспората дека со тоа државата ќе добие поголема политичката и економска стабилност што е важен фактор во смисла на обезбедување добра и сигурна бизнис клима. Еднаков пристап ќе има и кон домашните инвеститори, со тоа што патната инфраструктура е важен предуслов за инвестиции, рече Апостоловска додавајќи дека за Агенцијата претстои период во кој ќе се остварат средби со сите градоначалници и ќе се разговара за потенцијалите на сите општини.
Според евиденцијата на општината, околу илјада семејства од Каменица се на печалба по Италија, Словенија, Германја, но и Австралија и Америка. На бината на отворено на Еленец, денеска настапија неколку културно-уметнички друштва и музички бенд кој ги изведуваше најпознатите македонски песни и ора.