Тренерот на Шкендија, Ќатип Османи во пресрет на реваншот во 3. коло од квалификациите за Лигата на шампионите против Ред Бул Салцбург, рече дека неговите ќе се обидат да се реваншираат за високиот пораз (0:3) на првиот меч во Австрија.

- Добро ја анализиравме играта на првиот натпревар. Головите што ги примивме се поради наши грешки. И ние создадовме шанси. Ќе се обидеме да победиме. Ќе играме максимално до самиот крај без калкулации. Фокусирани сме само на утрешниот дуел, а за понатаму ќе размислуваме зависно од исходот, рече Османи.

Тој најави мали промени во составот во однос на првиот дуел.

- Ќе има многу мали промени во однос на тој натпревар, додаде Османи на денешнатаљ прес-конференција.

Оптимист дека Шкендија може да дојде до подобар резултат е и Висар Муслиу.

- Ни фали малку европско искуство. Имаме силен противник кој редовно е во евро-куповите. Но, и тие имаат по две нозе исто како и ние, рече Муслиу.

Натпреварот е закажан за утревечер на „Филип Втори“ во Скопје со почеток во 20 часот и 15 минути.



Автор: Администратор
Објавено на: 13/08/2018 13:21