Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов престојуваше во официјална посета на градот Нирнберг каде се обрати на отворањето на 14.Безграничен фестивал на збратимени градови.
Од Град Скопје соопштија дека Шилегов вчера во галеријата Бунсен ја отворил изложбата на македонските уметнички Петра Јовановска и Наташа Милованчев, која се одржача во рамки на Фестивалот.
- Ми претставува чест и задоволство да ја предводам делегацијата на Град Скопје на овој меѓународен фестивал на збратимени градови, тука во збратимениот град Нирнберг. Верувам дека ќе се согласите дека збратимувањето на градовите е од особена важност за интензивирање на соработката и развивање партнерски однос на многу полиња. Најважната придобивка е спојувањето и негувањето на различностите, рекол Шилегов.
Тој нагласил дека соработката со пријателскиот град Нирнберг е навистина одличен пример за тоа како два збратимени града можат многу успешно да соработуваат во многу области. Ги потенцирал активностите на двата града во соработка и размената на искуства на полето на културата, младинската и спортската размена, а ги најави и активностите во насока на развивање на соработката во областа за заштита на животната средина.
- Како градоначалник на Град Скопје посветен сум на развивање на меѓународната соработка на мојот град, пред се поради негување на имиџот на Град на солидарноста, епитет кој Скопје го доби после катастрофалниот земјотрес во јули 1963 година, истакнал Шилегов.
Посочил дека денеска на фестивалот ќе учествува нашата музичка група Тони и Черкези, уметничката Јасмина Главинче, МАТА-Асоцијација на дизајнери и креативни занаетчии.
- Верувам дека нашите пријатели ќе уживаат во прекрасниот македонски амбиент тука во Нирнберг, рекол Шилегов на Меѓународниот фестивал на збратимени градови.
Шилегов ја предводеше делегацијата на Град Скопје во чиј состав беа секретарот на Град Скопје, Викторија Аврамовска Мадиќ и советниците од Советот на Град Скопје, Ирена Попова и Бесник Ајет.
Соработката меѓу Скопје и Нирнбeрг датира од времето веднаш по катастрофалниот земјотрес во Скопје на 26 Јули 1963 година, кога во август од Нирнберг пристигнува првата група од 80 младинци кои помагале во расчистувањето на урнатините. Младинците кои учествувале во обновата на градот се менувале секои два три месеци и тоа траело со години.
Градот Скопје има силна волја и капацитет да го зацврсти пријателството со Нирнберг и преку интензивирање на соработката да обезбеди подобар живот за граѓаните на Скопје, посочуваат од Град Скопје.