Тренерот на Работнички, Ѓоре Јовановски не е задоволен од стартот на новата сезона во Првата фудбалска лига.
„Романтичарите“ вчера загубија на домашен терен од Ренова со 3:4, а самиот резултат отсликува дека одбраната била послабиот дел на тимот.
- Одигравме лош натпревар, тоа е повеќе од јасно. Честитки за екипата на Ренова, тие заслужено ги освоија бодовите, но јас мислам дека ние им подаривме три од четирите гола поради наши грешки. И што е уште полошо, ова ни се случи и на гостувањето против Хонвед, во реваншот од Лигата на Европа. Ќе ги анализираме сите ситуации и такви грешки не смеат да ни се повторуваат. Ако има нешто добро во овој лош старт, тоа е дека е само прв меч и почеток на првенството, а ова наше издание треба да биде урнек како да не играме во иднина, изјави Јовановски за клупскиот сајт на Работнички.