Штипските стечајци кои добија негативни решенија за добивање на месечен паричен надоместок денеска повторно се собраа. На состанокот во општинската зграда беа информирани за законските измени, со кои ќе бидат опфатени и тие да добиваат стечаен надоместок.
Речиси 180 стечајци имаат негативни решенија со образложение дека самите ги напуштиле работните места во фирмите кои работеле. Но, дел од нив тврдат дека тие самите не ја напуштиле работата, а има и случаи како што велат и на фалсикување на нивните потписи на отказните решенија од страна на поранешните работдавци.
- Луѓето денеска ги информирав за измените и за законот што треба да помине во Собранието на Република Македонија. Од Владата најавија дека во собраниска процедура ќе биде до 25 август, потоа ќе излезе во Службен весник, а ние ќе ги информираме кога повторно да ги поднесат барањата за добивање на месечен паричен надоместок, рече Ќемалдин Арсланов, претседател на здружението „Унит“-Штип.
Во Штип досега позитивни решенија добија 270, а за добивање на стечаен надоместок се одбиени речиси 180 стечајци, кои со најновите законски измени се надеваат дека и тие ќе бидат опфатени.