Општина Кочани и канцеларијата на Фондацијата „Фридрих Еберт“ во Скопје организираат форум на тема „Младински перспективи за локален развој“ како дел од Фридом мјузик фестивалот што годинава првпат ќе се одржи и на кој ќе учествуваат повеќе домашни и меѓународни диџеи.

- Поаѓајќи од самиот наслов и мотото на фестивалот, наша цел е покрај добрата забава, на младите од Кочани и регионот да им овозможиме да ги споделат своите идеи, ставови и потреби за ефективен локален развој. Заеднички, со градоначалникот на општина Кочани, Николчо Илијев, како и со експерти во младинските политики на национално и регионално ниво, учесниците на форумот треба да дојдат до одговор на дилемите како членството на Република Македонија во ЕУ ќе придонесе за унапредување на можностите на младите луѓе во поглед на образованието, вработувањето, културниот и социјалниот живот, како и за инклузивноста и учеството во демократските процеси на локално ниво, истакна Аспарух Михаилов, од одделението за јавни дејности на општина Кочани.

Двочасовната дискусија во рамки на форумот ќе се одржи в сабота на Споменикот на слободата во Кочани.

Организаторите ги повикуваат младите да ја збогатат програмата, но и со лични идеи и ставови да придонесат тие да го добијат соодветното место во социо-економските и општествените процеси на локално ниво.



Автор: Администратор
Објавено на: 13/08/2018 15:48