Стариот римски мост во Богомила, во срцето на Азот, ќе се заштити и ќе биде пренаменет само за пешаци, додека малку подолу од него, ќе се изгради нов бетонски мост што ќе се користи за сообраќај, потврди при денешната посета министерот за транспорт и врски Горан Сугарески одговарајќи на новинарски прашања.

- Според моите последни информации тој е влезен во програмата на Јавното претпријатие за државни патишта и веќе е распишан тендер за негова изградба, а моите очекувања се дека мостот наскоро ќе биде изграден, за што од државата се обезбедени финансиски средства, појасни министерот Сугарески.

Имено, мостот се наоѓа на регионален пат и од таа причина е под ингеренции на државата.

Пред една недела во интервју за МИА, Горан Стојановски градоначалникот на општина Чашка, во чии рамки е селото Богомила, информираше дека за изградба на новиот мост државата обезбедила 12,5 милиони денари, посочувајќи дека изградбата на мостот ќе почне во текот на овој месец.

- Ќе градиме нов мост што ќе биде за сообраќај, а стариот римски камен, што е туристичка атракција, ќе го пренамениме исклучиво за пешаци, најави градоначалникот Стојановски.

Имено, поради преминување на тешки товарни возила по Римскиот камен мост повеќе години наназад жителите апелираа до јавноста да се изгради нов, а стариот, познат и како знаменитост на Богомила, да биде заштитен од опасноста да се урне под големиот товар на тешките возила што секојдневно поминуваат по него.



Автор: Администратор
Објавено на: 13/08/2018 15:50