Се уште нема решение за пласман на овогодинешниот род сливата во Пијанец. Надлежните институции немаат донесено одлука за петте илјади тони сина слива, само од делчевскиот крај, за кои досега нема ниту доволно откупувачи, а ниту добра откупна цена. Затоа тие за утре во 10 часот најавија мирен протест пред општинската зграда.

Денеска, оние поупорните повторно се обидоа преку различни канали да продадат нешто, но велат дека тоа не е решение на проблемот.

Еден од нив е Јован Стојменовски кој вели дека сината слива не може да достигне повеќе од два денари за килограм што не влева надеж дека ситуацијата ќе се смени.

- Ги повикувам сите производители на сливи од регионот утре да дојдат на протестот, да донесат гајби сливи и да им поделат бакшиш на парламентарците, зашто тие не можат сами да си наберат. Еден пратеник што зема плата за цела година не може сите илјада производители да земат толку пари, вели Јован.

Ист е проблемот и на Благојчо Георгиевски од селото Град кој има над 300 тони слива, а производител е веќе 18 години.

- Контактиравме со Министерството за земјоделие и поранешните откупувачи, но ни велат дека оваа година нема да има ништо поради тоа што имаат проблеми со извозот. Тука тешко дека ќе може да се откупи, Рудине откупува во мала количина, но сега ги нема и откупувачите од Струмица, Радовиш со кои претходно соработувавме, рече Георгиевски.

Овоштарот Бранко Величковски, грешката со пласманот на сливите и вишните ја гледа во Стопанската комора која нема формирано заштитна цена кон никој производител. Според него, големите трговци си направиле цена која им одговара па стануваат капиталисти, а производителите страдаат.

- Нека има утре штрајк, ама нека дојде и министерот и од Стопанска комора и да ни објаснат дали може или не може да се среди, ако не може, барем производителите да си ги изораат нивите за ѓубре, вели Величковски.

Откупувачот Менсур Адеми кој денеска од Скопје пристигна во Делчево вели дека доаѓа секоја година и се знае со дел од производителите ама годинава бидејќи нема заинтересирани, засега најверојатно ќе биде единствен. Бидејќи денеска му е прв ден вели дека се уште не знае колку би откупил.

Освен во делчевско, без откуп ќе останат и околу 4 илјади тони сливи од Берово и Пехчево, а како што велат производителите пласманот годинава е лош не само за сливата туку и за вишните од кои 1.000 тони воопшто не се собрале од нивите.



Автор: Администратор
Објавено на: 13/08/2018 18:11