Во рамките на проектот Rural youth assisting Macedonia in EU integration, денеска во Делчево се одржа работилница за врсничка едукација за Европската Унија и улогата на младите од руралните средини во поддршка на евроинтеграцијата на Република Македонија.

Освен млади од Делчево, на работилницата имаше и учесници од Виница и Пехчево кои на интерактивен начин и преку работа во групи се информираа и мотивираа во делот на моќта која тие ја имаат кон успешната евроинтеграција. Со овој проект, тие треба да се стекнат со вештини и со тоа да се вклучат во креирање на локалните политики.

Според Сашо Петровски од Фондацијата за поврзување на природни вредности и луѓе - подружница во Македонија, после оваа работилница следува период кој треба да вроди со доста резултати, меѓу кои и вмрежување на младите од истокот и југоистокот, за да се разбуди интересот кај нив и да се направи чекор понапред кон евроинтеграцијата.

- Овие проекти се добра можност секој да каже и да сподели нешто. Јас сум убеден дека овие млади луѓе ќе научат нешто повеќе за тоа што е Европската Унија, што ни нуди, зошто внатре во неа или не, кои се можностите за младите и нивно вработување, кои се можностите за образование, односно како младите и од руралните средини евентуално би влијаеле на промените на местото во кое што живеат, вели Петровски.

Проектот е дизајниран со цел да ги поттикне младите од руралните средини и граѓанските организации од Источниот и Југоисточниот плански регион во Македонија да придонесат во демократските процеси на владеење вклучувајќи ги сите засегнати страни, како и поттикнување на граѓанско учество и приспособување кон предизвиците за интеграција во ЕУ.

Целите на проектот се подобрување на капацитетот на младинските граѓански организации и младите од руралните средини за креирање и спроведување на јавните политики преку структурен дијалог со носителите на одлуки како и зајакнување на капацитетите на младите од руралните средини за подобра конкурентност на пазарот на трудот.

Инаку, европскиот проект започна да се спроведува на 19 декември минатата година, а партнери се Фондацијата за поврзување на природни вредности и луѓе (ЦНВП) и мрежите за рурален развој на Македонија, Хрватска и Србија



Автор: Администратор
Објавено на: 13/08/2018 21:40