Македонската информативна агенција (МИА) ја доби опремата за новиот фото и видео сервис како дел од помошта што Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД) ја реализира врз основа на потпишаниот Договор за соработка со МИА.

Договорот помеѓу МИА и УСАИД, склучен во мај оваа година, има за цел да и помогне на Агенцијата да го зајакне капацитетот на продукција на професионални содржини и да го подобри нејзиниот фото и видео сервис. Опремата се состои од фото апарати, камери, осветлување, компјутери и софтвери за монтажа со што се создаваат услови во МИА за зајакнување на фото сервисот и воспоставување на сопствен видео сервис.

Освен новата опрема за фото и видео сервисот, соработката се фокусира и на обезбедување обуки за зголемување на бизнис и маркетинг капацитети и продукциските квалитети на МИА. Во последниве два месеца беа оддржани неколку модули на обуки со вработени од различните редакции и сектори на Агенцијата. Обуките ќе продолжат и во текот на наредните месеци, а фокусот ќе биде врз обуките за користење на новата техника, организацирање на ново ВЕБ одделение, употреба на нови техники во користењето на социјалните мрежи и дигиталните технологии, креирање на нова ВЕБ страна на МИА, бизнис менаџмент и други новитети неопходни за реформирање и развој во работата на МИА.

Соработката помеѓу МИА и УСАИД треба да резултира во зголемување на ефикасноста на Агенцијата во информирањето на сопствените клиенти и граѓаните на Република Македонија.



Автор: Администратор
Објавено на: 14/08/2018 09:42