Се празнат селата во Струмичко. Нивите остануваат празни, а бројот на печалбарите од година во година е се поголем. Алармантно е што овој тренд е најизразен во релативно побогатите села во регионот, каде од земјоделство се живее добро.

Таков е случајот и со земјоделецот Данаил Паланков од село Муртино. Тој е еден од најпознатите во Струмичкиот регион. Познат е по тоа што секогаш прв одгледуваше нови култури, а еден период беше и претседател на Федерацијата на фармери на Македонија.

-Речиси и да нема нова култура што не ја одгледував, па дури и брзорастечкото дрво паловнија. Но, за кусо време сите почнуваат да ги одгледуваат и се сочуваме со вишок на производство и цената паѓа. Пазарот е мал во нашата држава, а трошоците секојдневно растат. Едноставно, производството не се исплатува и кругот полека почна да се затвора, вели Данаил Паланков.

Додава дека тоа е главната причина за неговото заминување. За еден до два месеци очекува да добие работната виза за да замине во една скандинавска земја.

-Се подготвувам за заминување. Полека ги собирам остатоците од пластениците. Во Шведска имам внук и тој таму вози камион. На почеток ќе возам за него, а потоа планирам сам да си купам камион и да работам за себе. Подоцна планирам со мене да дојде и семејството, рече Данаил Паланков,сега поранешен земјоделец, кој веќе со едната нога е тргнат на печалба.

И други соговорници сметаат дека причината за заминувањето на земјоделците е нерентабилноста и неисплатливоста на земјоделското производство.

-Според мои согледувања 80 отсто од тие што се на возраст до 40 години решаваат да заминат. Имотите ги оставаат на своите родители, кои можат само да ги одржуваат. Но, има состојба кога заминуваат и тие што создале свои големи земјоделски стопанства и при тоа во последните десетина години вложиле неколку десетина илјади евра, било да станува збор за инвестиции во подигање нови насади на отворено или затворено или пак во механизација, смета Драги Памуков од Земјоделското здружение „Кукла градинар“ од село Куклиш.

Според него не треба да се занемари и уште еден факт. Имено, мнигумина од земјоделците кои заминуваат на печалба тоа го прават од мода, односно следење на примерот на другите кои веќе заминале.

-Има случаи кога младите земјоделци оставаат инвестииции тука вредни и по сто илјади евра. Овој тренд е сличен на оној од седумдесетите години од минатиот век кога организарано се заминуваше на печалба. Потоа некаде до крајот на минатиот век имаше појава да не се оди масовно во странство. Но, во последните три години стана помодарство да се оди „горе“ како што велат нашите сограѓани и има случаи откако ќе престојуваат таму одредено време да се вратат, додава Драги Памуков, од Здружението „Кукла градинар“ од село Куклиш.

И Ристо Велков од Сојуз на синдикат на земјоделци смета дека одливот на млада земјоделска сила се должи на несплатливоста и нерентабилноста на земјоделското производство и несигурниот пласман.

-Намалувањето на засеаните површини со најразлични култури од година во година опаѓа што е мошне алармантен индикатор дека се напушта обработливото земјиште. Таков е случајот со доматите годинава. Производството на оваа градинарска култура е преполовено, смета Велков.

Тој додава дека тие што заминуваат оттука и во најголем дел и во странство продолжуваат да работат во земјоделството, но се подобро платени и можат да заштедат и подобро да живеат.

Коце Божиков земјоделец од село Дабиле потврдува дека и во неговто населено место трендот на заминување на младите земјоделци не запира.

-Најчесто заминуваат тие што имаат бугарски пасош. Веднаш штом го добијат ја оставаат мотиката и стануваат модерни печалбари, вели Божиков.

Поразителните резултати од иселувањето на младите од Струмичкиот регион во последните неколку години го потврдува и едно неодамнешно испитување направено од „Платформата за граѓанска демократија“.

-На прашањето дали би се иселиле од Македонија дури 272, или 79 отсто од испитаниците одговориле со „да“, а 74, односно 21 процент, со „не“. Дали имаат член од семејството или нивното опкружување кои ја напуштиле државата, 78 отсто рекле „да“, а 22 отсто „не“, вели Ленче Христова од оваа организација, која испитувањето го направила теренски и онлајн.

Христова додава дека и покрај тоа што испитувањето е направено пред две години се уште е актуелно, а доколку се направи ново резулатите ќе бидат уште поаларматни.

Нашите соговорници сметаат дека и државата мора да преземе дополнителни мерки за да го запре неповолниот тренд на иселување на младите земјоделци.

-За поздравување е мерката на оваа и поранешните влади „Биди млад земјоделец“. Лани беа субвенционирани 430 млади земјоделци, кои добија неповратни средства во опрема од по десет илјади евра. Годинава ќе видиме колку ќе бидат субвенционирани, но факт е дека само со оваа мерка не можат младите да се задржат и да ја обработуваат земјата, смета Драги Памуков од Земјоделското здружение „Кукла градинар“ од село Куклиш.

Освен побогатите села, трендот на иселување и заминување во странство е евидентен и во други места, посебно во селата под Беласица. Таму најголем број од граѓаните живеат и работат во Швајцарија, а карактеристично е што во селата Мокрино, Мокриево, Дражево, Старо Коњарево и други има повеќе изградени нови и модерни куќи, отколку стари. Сите тие се на печалбари, кои ги користат еднаш до два пати во годината кога доаѓаат на одмор во родниот крај, а некои ги чуваат за во нив да ги поминат пензионерските денови.

Младите најчесто заминуваат во западноевропските земји, а италијанскиот град Пјаченца, многумина го нарекуваат Струмиченца поради присуство на голем број иселеници од овој регион.

Ристо Тасев



Автор: Администратор
Објавено на: 14/08/2018 09:43