Втората конференција Macedonia Manufacturing Expo (ММЕ) чија цел е промовирање на потенцијалот на македонската лесна преработувачка индустрија и поврзување на домашните компании од оваа индустрија со странски купувачи, ќе се оджи на 18 септемви во Скопје.

На конференцијата се очекува учество на 75 домашни и странски компании од автомобилската, метало-машинската, индустријата за производство опрема и други индустрии од овој сектор.

Првата конференција Macedonia Manufacturing Expo во организација на Македонската асоцијација на метална и електро индустрија (МАМЕИ) и со поддршка од УСАИД и Владата на Швајцарија, беше организирана во 2016 година и даде извонредни резултати. На неа присуствуваа 50 компании од Македонија во својство на добавувачи и 18 компании во својство на купувачи од кои 16 странски, меѓу кои и Сименс, Ван Хул, АРЦ Аутомотив, Кромберг и Шуберт и други. Беа организирани и 170 претходно договорени состаноци (B2B), што резултираше и со конкретни соработки и договори.

Според Марта Наумовска Грнарова, претседател на МАМЕИ годинава конференцијата ќе биде во голем дел подобрена со новите партнерства меѓу МАМЕИ и Германската асоцијација за менаџирање, набавување и логистика на ланци на добавување (БМЕ) кои ќе донесат нови купувачи на настанот.

- БМЕ со 60-годишна традиција и над 9.000 индивидуални и корпоративни членки служи како водечки кандидат за бизнис поврзување во Германија и Централна Европа. Оваа соработка ќе овозможи македонските претприемачи од металната и електро индустријата да се сретнат со претставници на индустрии и бизниси, логистички менаџери и експерти за ланци на добавување. Овие средби може да бидат непроценливи за понатамошниот развој на домашните компании и економијата на земјата во целина. Овие партнерства сигурно ќе ја зајакнат соработката на лесниот преработувачки сектор на Македонија и Германија, вели Наумовска Грнарова.

Метало-машинскиот и електро-инженерскиот сектор во Македонија бележи брз развој со што локалните фирми сé повеќе стануваат соодветни добавувачи за странските купувачи. ММЕ ќе овозможи натамошно проширување на соработката на домашните компании со странските големи фирми и ќе даде придонес македонските компании да станат дел од глобалниот снабдувачки ланец на реномирани странски компании.

Сите компании од лесната металопреработувачка индустрија заинтересирани за Macedonia Manufacturing Expo 2018 можат бесплатно да се регистрираат за учество. За повеќе информации и регистрација компаниите можат да ја посетат веб страницaта www.mamei.mk.



Автор: Администратор
Објавено на: 14/08/2018 14:02