Советникот Николчо Ситновски, кој досега во Советот на Општина Делчево делуваше како претставник на ВМРО-НП, односно како дел од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, од денеска стана независен. Ваквата одлука Ситновски, како што рече на денешната редовна седница на делчевскиот Совет, ја донел лично и без ничие влијание. - Од денеска во составот на Советот ќе функционирам како независен советник. Оваа одлука ја носам по сопствено убедување, сметам дека ова мое делување како независен советник ќе биде од интерес на моите сограѓани. Ја користам оваа прилика да се заблагодарам на досегашните коалициски партнери за досегашната соработка, рече Ситновски пред почетокот на редовната седница на Советот. Советот на Општината има 15 члена. По денешната одлука на советникот Ситновски, СДСМ останува со осум советнички места, ВМРО-ДПМНЕ се намалува за едно, односно ќе брои шест советници и еден независен советник.