Скопскиот градоначалникот Петре Шилегов денеска ја најави големата акција за чистење на главниот град во која јавните претпријатија „Комунална хигиена“ и „Паркови и зеленило“, во соработка со скопските општини ќе ги чистат сите градски и општински улици и парковите.

Акцијата почна од општината Ѓорче Петров, со чистење на улиците „Ѓорче Петров“, „4. Јули“ и „Социјалистичка зора“, а ќе продолжи на другите улици. Од Град Скопје вонредно се ангажирани над 100 работници, кои заедно со луѓето кои општините редовно ги имаат ангажирано ќе влезат во секоја улица со цел да се подигне нивото на хигиената.

- Секоја седмица ќе бидеме во различна општина. Започнуваме во општина Ѓорче Петров, ќе продолжиме со чистење во Карпош, Центар, Аеродром, Кисела Вода, а потоа и во преостанатите општини на територија на градот. Граѓаните се јасни и сериозни во своите барања, а ние одговорно го слушаме нивниот глас дека градот треба да биде почист, изјави Шилегов. Апелираше да ја дочекаме зимата со чисти улици и со помалку прашина што води до помало загадување на воздухот.

На денешната акција за чистење во Ѓорче Петров присуствуваше и директорот на ЈП „Комунална хигиена“ Абдусамед Шабани и претставници од општина Ѓорче Петров.



Автор: Администратор
Објавено на: 14/08/2018 15:44