Двократниот светски шампион Фернандо Алонсо се повлекува од Формула 1. Шпанецот објави емотивно видео за збогум на својот Твитер профил, а истовремено со тоа Мекларен официјално ја потврдија веста. „Мекларен Рејсинг ги потврдува денес информациите дека двократниот светски шампион Фернандо Алонсо нема да се натпреварува во Формула 1 во 2019. Фернандо, кој наполни 37 во јули, се натпреварува во својата 17-та сезона, петта со Мекларен, и освоил 32 победи, 22 пол-позиции и 97 подиуми до денес. Покрај неговите две светски титули, во 2005 тој стана најмладиот светски шампион во историјата на Ф1, а три пати заврши како вице-шампион“, велат од неговиот тим. Шефот на Мекларен, Зак Браун, изјави дека Фернандо не е само амбасадор на Мекларен, но и на Ф1. - Неговите 17 години во спортот, како еден од најистакнатите од неговата генерација и без сомнение еден од најголемите во Ф1, додадоа нов слој во богата историја на Формула 1. За секој настапува време да направи промена и Фернандо одлучи неговата да настапи по крајот на сезоната. Ние ја почитуваме неговата одлука, иако тој се наоѓа во најдобрата форма за целата кариера. Отворениот дијалог со Фернандо ни овозможи да се подготвиме за таква опција, вели Браун. Тој додаде дека Алонсо ќе продолжи да се натпреварува на максимално високо ниво и во преостанатите девет старта до крајот на сезоната.