Новиот тренер на Реал Мадрид, Хулен Лопетеги одржа прес-конференција пред натпреварот за Суперкупот на Европа, кој се игра утре од 21 часот во Талин, каде европскиот шампион ќе се спротистави на носителот на трофејот во Лига Европа - Атлетико Мадрид.
- Атлетико е многу голем тим, воден на извонреден начин. Тие играат одлично во важните натпревари и ќе треба да им се спротивставиме. Очекувам меч, во кој двата тима ќе играат на границите на своите можности и ќе треба да го покажат најдоброто од себе, изјави денеска Лопетеги.
Тој се осврна и на работата на неговиот претходник, Зинедин Зидан.
- Зидан работеше совршено во Реал, со одлични резултати. Сепак, ние нема да се враќаме назад, туку ќе гледаме напред, за да можеме да постигнеме слични резултати, смета тренерот на „белите“.
Лопетеги одби да го именува својот состав за утрешниот судир, но тој не пропушти да пофали две од неговите големи ѕвезди - Бејл и Бензема.