Во паркот „Капиштец“ вечер, во 18:30 часот, ќе се одржат ликовна работилница и игри без граници. Децата ќе имаат можност да цртаат под отворено небо и да се запознаат со тајните и правилата на игрите како плочка, ластик, џамлии, а идејата е да се вкучат и родителите како еден вид ментори на своите деца.

Основна цел на циклусот детски настани, поддржани од општина Центар, кои летово се организираат под слоганот „Остави го таблетот, симни се пред зграда“, е децата да се едуцираат на интересен начин за време на училишниот распуст и да се поттикнат да излезат надвор од своите домови на заедничко дружење и игра.

Општина Центар информира дека досега се одржале повеќе ликовни, музички и театарски работилници. На секоја од нив присуствувале повеќе од 200 деца со нивните родители.

Едно истражување спроведено кај 12 илјади родители во десет земји покажало дека една третина од децата, на возраст од пет до 12 години, надвор поминуваат помалку од 30 минути на ден. Од друга страна, психолозите порачуваат дека токму играњето надвор има низа позитивни ефекти во правилниот развој на децата – го намалува стресот, ги учи да се социјализираат и да се снаоѓаат во различни ситуации.



Автор: Администратор
Објавено на: 15/08/2018 10:06