На парк шумата Водно и се заканува уништување од изградбата на гасовод низ значајни подрачја на природа богати со биодоверзитет, велат од Еко-свест и додаваат дека во изминатата недела испратиле дописи до меѓународни институции и банки со цел да алармираат за повеќе проблеми кои ги има изградбата на гасовод низ Водно.
- Во последните неколку месеци еколошките организации и иницијативи водат битка со институциите за да го зачуваат единственото поголемо парче зеленило кое му остана на градот Скопје. Станува збор за спорната делница пет Скопје-Гостивар-Кичево на проектот за национален гасификациски систем на Р.М. за чии потреби е одбрана траса која минува по сртот на парк шумата Водно и низ значајни подрачја на природа чие уништување е неповратно, потенцираат од Еко-свест.
Трасата низ парк шумата Водно, додаваат, минува низ значајни растителни подрачја со ретки и загрозени билки, а нејасно е какво ќе биде влијанието на изградбата на трасата и градежните активности врз Матка, Пештерата Убавица и Буково кое е исто значително растително подрачје.
- Оценката за влијание врз животната средина нема стратетија за управување со ризици, ниту се испочитувани мерките за намалување на негативните влијанија при расчистување на теренот. Дополнително, изминатата недела излегоа информации според кои биологот кој е потпишан на овој документ воопшто не учествувал во неговата изработка. Со ова се доведува во прашање веродостојноста на податоците и самата студија, порачуваат од Еко-свест.
Во фазата на планирање, посочуват, биле разгледани повеќе можни траси за овој дел од гасоводот, меѓутоа, потенцираат, останува нејасно зошто сите биле отфрлени и била избрана токму трасата низ парк шумата Водно.
- Во постапката за Оценката за влијание врз животната средина биле спроведени јавни расправи во засегнатите општини на кои не биле поканети засегнати граѓани и граѓански организации кои работат во сектор животна средина. Единствени кои се потпишани на списоците се вработени во општините и присутните институции. Поради сите овие причини, а и важниот факт дека на одбраната траса постојат барем две ерозивни подрачја чија дефорестација би заначела зголемување на ризикот од лизгање на земјиштето и загрозување на безбедноста на скопјани уште еднаш апелираме до властите, гасоводот за овој дел да не поминува низ Водно, меѓутоа и бараме почитување на законите и подзаконските акти, велат од Еко-свест.