Веселиот детски џагор и насмевката на нивните лица во детското одмаралиште „Мајски цвет“ во Струга кажуваат доволно како околу 160 дечиња од семејства со социјален ризик или корисници на посебен додаток го поминуваат седумдневниот летен одмор на струшкото крајбрежје.
Поделени во девет групи од различни градови низ државата се дружат, спортуваат, пливаат, се рекреираат.... Во моментов претстојува седмата група со 160 дечиња, родители и волонтери од Штип, Радовиш, Струмица, Демир Хисар, Валандово и Ресен, кај кои од далеку се гледа возбудата и задоволството што се дел од владиниот проект за бесплатен одмор и рекреација на деца од семејства со социјален ризик и деца корисници на посебен додаток за време на летниот распуст 2018 година, преку кој ќе бидат опфатени 1.750 деца и нивни придружници. Во „Мајски цвет“ претстојуваат деца од седум до 14 години, на кои државата им покрива седумдневен полн пансион, односно шест ноќевања со три оброци и ужинки.
Услугата одмор и рекреација се организира за престој, активен одмор, социјализација на децата, воспитно-образовни, културно-забавни, спортско- рекреативни и други активности со децата за развивање на нивните психомоторни способности за договарање, почитување на разликите и соработка во групи, способност за прифаќање на себеси и другите и орентација во просторот.
Верица е ученичка од Штип и доаѓа четврта година на летување во „Мајски цвет“.
- Условите се одлични, храната е убава, секоај вечер имаме забава, одиме на плажа секој ден и шетаме низ Струга, вели Верица.
Седумдневниот одмор прекрасно го поминува и Ева, која вторпат доаѓа на летување во одмаралиштето.
- Тука е предобро, храната, сместувањето, дружењето... Секој ден одиме двапати на плажа, се капеме и излегуваме да шетаме надвор, раскажува Ева.
Покрај со децата од групата Лорета, која доаѓа втора година, ни кажа дека се дружи и со деца од другите градови. – Се дружиме меѓу себе, но и со децата од другите градови. Дружбата и комуникацијата ја продолжуваме преку социјалните мрежи. Со некои се среќавам повторно и сега се дружиме повеќе бидејќи веќе се познаваме, вели Лорета.
Денот им почнува во 7.30 часот, а завршува во 23 часот
Денот им почнува во 7 часот и 30 минути и по извршувањето на обврските за лична хигиена одат на појадок во 8 часот. Според програмата на одмаралиштето, на плажа заминуваат во 9:30 со своите воспитувачи. Околу 12 часот се враќаат од плажа имаат слободни активности и во 13 часот почнува ручекот. После ручекот имаат време за одмор и рекреација, а во 16 и 30 минути повторно одат на плажа, таму остануваат до 18 и 30. Се враќаат во одмаралиштето и се подготвуваат за вечера. Во 19 часот вечераат и во групи излегуваат на прошетка во град или имаат забави и други активности во одмаралиштето. Во 23 часот задолжително одат на спиење.
Управителката на одмаралиштето „Мајски цвет“ Јагода Мацеска смета дека децата се многу задоволни, а оние што доаѓаат со придружба бараат од родителите да останат уште неколку дена плус.
– Досегашните искуства покажуваат дека децата се многу задоволни. Се дружат, социјализираат имаат мултиетничка интеграција. Кога си одат плачат, сакаат пансионот да трае барем 10 дена, вели Мацеска.
Во однос на дисциплината, секоја вечер има дежурен волонтер на спрат, кој се грижи за редот и правилата. Додека се на плажа еден волонтер задолжително останува во одмаралиштето со оние што од различни причини не можат да одат. Во меѓувреме хигиеничарите го чистат цел објект. Сепак управителката се пожали дека има групи кои оставаат неред зад нив, уништен инвентар, искршени врати, тушови, чешми, прозори, огледала, често заглавени клучеви, но досега немало никаква санкција.
Волонтери на Црвен крст се грижат за децата
За безбедноста на децата се грижат волонтери од општинските организации на Црвениот крст од градовите што доаѓаат. Според бројот на деца во групата на 15-20 деца има еден воспитувач. Тие се грижат за децата и редот во установата.
Јорданчо Здравев волонтер од штипската организација на Црвен крст со уште двајца колеги и 12 родители се грижат за 68 дечиња од Штип. Според него, фактот што некои деца ја користат услугата повеќе години покажува дека тие се задоволни од условите и услугата. Општинската организација на Црвен крст од Штип обезбедила креми за сончање и секое одење на плажа задолжително се мачкаат.
- Главната цел ни е да се социјализираат децата кои се од различни профили и да знаат да функциноираат во групи. Имаме деца што првпат се одделуваат од дома и имаат носталгија кон семејството, истакна Здравев.
Сличен став дели и неговиот колега Антонио Србиновски од Ресен, кој забележа дека дружењето меѓу децата е главната причина поради која доаѓаат на летување. - Плажата и водата сметам дека не им е толку големо задоволство како дружењето, заклучи Србиновски.
Црвениот крст на Република Македонија, како што истакна координаторот на волонтерите Коста Хиохи, годинава ја презема целосната логистика за проектот, обезбедување волонтери во секој град, ужинки, награди и дипломи за децата, како и се што е потребно за одење на доктор надвор од објектот доколку има потреба.
Храната ги содржи сите нутритивни вредности за децата
Менито е изготвено од нутриционист од Министерството за труд и социјална политика уште на почетокот на проектот. Нутриционистички е издражно со сите потребни вредности за едно дете што треба да ги внесе во текот на денот. Храната можеби не е многу популарна кај децата, но е здрава, забележуваат одговорните.
За здравјето на децата 24 часа се грижи доктор, а не изостанува ниту тимот од двајца спасувачи на вода на Црвениот крст - Струга, кои се грижи за нивната безбедност на плажа.
Слаѓана Стојкова Костоски