Во штипскиот регион заврши жетвата на житните култури, но почнаа пожарите на отворено, алармираат штипските пожарникари. Командитор на Територијалната противпожарна единица (ТППЕ)-Штип, Тони Атанасов вели дека за само една недела имале вкупно десет интервенции, а од кои седум се на отворено. Пожарникарите гаснеле запалени стрништа во атарите на Карбинци, Лакавица и Калимерово.

- Временските прилики или неприлики си го прават своето и опасноста од појава на вакви пожари е значително поизразена. Јас би апелирал до нашите сограѓани, пред се до земјоделците и оние кои се движат низ шума, да внимаваат каде фрлаат отпушоци и да не ги палат стрништата, вели Атанасов.

Тој апелира граѓаните кога ќе забележат пожар на отворено веднаш да се јават во противпожарната единица.

- Многу е важно при палењето или кога ќе забележат пожар, моментално да ја информираат ТППЕ, бидејќи секоја секунда ни е многу значајна и навременото стигнување на местото на пожарот значи помали последици, односно помали штети, рече Атанасов.

Во овој период забележано е и зголемување на бројот на запалени возила, за среќа нема повредени и човечки жртви, но штетите за сопствениците на возилата се големи.



Автор: Администратор
Објавено на: 15/08/2018 15:48