Во општина Пехчево во тек е огласот за вклучување на невработени лица во програмата „Општинско корисна работа“. Програмата се спроведува како дел од активните владини мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2018 година, финансирани од буџетот на Агенцијата за вработување. Како што истакна Љупчо Каракашовски, координатор на проектот од Општина Пехчево, право за учество на огласот имаат долгорочно невработени лица со над 12 месеци евиденција во Бирото за вработување, млади лица до 29 години, лица постари од 50 години, лица корисници на социјална помош или на паричен надоместок по основ на невработеност, жени припадници на помалите етнички заедници, лица припадници на ромската етничка заедница, самохрани родители, родители на деца со пречки во развојот, како и родители на три и повеќе деца. - Лицата кои ќе бидат вклучени во програмата ќе бидат работно ангажирани со скратено работно време со 20 работни часови неделно, при што за време на работниот ангажман од девет месеци, статусот на невработените лица останува непроменет. На невработените лица, корисници на социјална помош за времетраење на работниот ангажман ќе им биде активно правото на користење на социјална помош, а за ангажираните лица се предвидува паричен надоместок во висина од 9000 денари месечно, со вклучен персонален данок на доход и осигурување од случај на несреќа при работа и професионално заболување, истакна Каракашовски. Тој додаде дека преку програмата се определени девет работни позиции од кои шест асистенти за нега на стари лица, двајца психолози и еден социолог, лица кои ќе ја извршуваат својата работа како дел од работата на деветолетката „Ванчо Китанов“ и детската градинка „7-ми Септември“. Заинтресираните невработени лица пријави за учество во програмата „Општинско-корисна работа“ можат да подигнат и поднесат во Центарот за вработување Пехчево најдоцна до 17 август 2018 година.