Иселениците од делчевската населба Стар Расадник синоќа се собраа на уште една заедничка целовечерна дружба. Дури 85 семејства кои постојано или привремено работат во странство го одбележаа овогодишното доаѓање во родниот крај. - Ова е празник за нас, бидејки 14 години се собираме со цел да се видиме и да се развеселиме. Многу ни недостига Расадник, секој ден, секој час го замислуваме нашиот роден крај. Сакаме секогаш да бидеме во родниот крај, истакна иселеникот Славе Михаиловски. Иселеникот Миле Ѓеорѓиевски вели дека и во земјите каде работат често се собираат на вакви дружби. - Заминав во Италија во 90 тите години од минатиот век. Мојата цел како учесник е да се дружиме, сите да бидеме сложни и да се организираме да помогнеме на некого ако можеме. Инаку слични дружби правиме и во Италија, но не како овде. Овде е посебно доживување, вели Ѓеорѓиевски. Жителите од Делчево со посебна важност гледаат на настанот. - Одлична е оваа Расадничка вечер. Сите луѓе се од Расадник, работат во странство и се собираат и прават веселба, истакна жител на Делчево. Во август вообичаено сите иселеници се тука и даваат свој придонес во организирањето на настанот како вечер за потсетување на седенките кои овде ги правеле, на дружбата, на времето кога овде, како што велат, навистина наликувало на еден „Расадник” од млади луѓе кои сега за жал се по светот. - Идејата за Расадничката вечер потекна од пет шест луѓе, од година во година организацијата прерасна на едно повисоко ниво и еве веќе ја правиме спектакуларна. Следната година ќе биде јубилејна и се надеваме дека тоа ќе биде едно посебно доживување за сите нас. Нашите мисли се секогаш тука во родниот крај. Се надеваме здравје некогаш во пензија да останеме тука, истакна Љупчо Михаиловски, еден од организаторите. Иселениците од оваа населба кои ги има низ цел свет речиси деценија и пол остануваат доследни на организирањето вакво собирање со цел да ги оддржат контактите, но пред се духот на овој дел од градот.