Карлос Сајнц Џуниор ќе се натпреварува за тимот на Мекларен во 2019 година. Дваесет и три-годишниот Шпанец потпиша повеќегодишен договор со тимот, заменувајќи го својот сонародник Фернандо Алонсо. Сајнц во моментов е на 11-тата позиција во шампионатот со тимот на Рено, со освоени 30 поени. - Карлос е дел од легендарно семејство. Исклучително сме возбудени да го пречекаме како пилот на Мекларен. Го следиме извесно време и го оценуваме многу високо меѓу следната генерација млади таленти кои се пробиваат во Формула 1. Не е тајна дека Карлос е вистински обожавател на Фернандо и се гордее дека ќе го заземе местото на една легенда во моторниот спорт, изјави шефот на тимот, Зек Браун. Сајнц пак изрази исклучителна радост дека се приклучува кон британскиот тим. - Го очекував овој момент подолго време и сум многу возбуден дека започнувам ново поглавје од мојата кариера. Откако се сеќавам, јас сум фан на Мекларен. Тоа е тим со огромно наследство, а пилотите на тимот се меѓу хероите на Формула 1. Фернандо е еден од нив, па затоа е посебно чувството да бидам дел од следната генерација шпански пилоти зад воланот на Мекларен, изјави пилотот



Автор: Администратор
Објавено на: 16/08/2018 16:31