Прилепските локални власти ги интензивираат активностите за гасификацијата на градот. По средбата со стопанствениците, денеска бенефитот од гасификацијата му беше претставен на јавниот сектор кој ќе биде првиот корисник на природниот гас од мрежата.

Според Кирил Настоски, стручен советник во Општината, главниот гасоводен крак е под Плетвар и до градот се очекува да стигне за околу 18 месеци. Кракот ќе се движи паралелно со обиколниот магистрален пат до Битола каде и завршува. Во тек се подготвителните работи за прокетната и основна документација за мрежата. За тоа општината има издвоено шест милиони денари. Целата мрежа треба да биде готова за шест години.

- Кога ќе стигне гласвниот гасоводен крак кај Прилеп, ќе се остави едно мерно место, таканаречена „подстаница“ од каде ќе се врши приклучувањето на градот на гасоводот. Предвидено е во првата фаза на изработка на техничката документација за примарната градска мрежа да се изградат околу 20 километри. Вредноста е околу четири милиони евра. Сукцесивно изградбата би била во период од четири години, но искористувањето може да биде наеднаш, како што поминува гасоводот за да може корисниците да се приклучуваат, вели Настоски.

Се очекува општината да го финансира зафатот, главно преку т.н. „меки кредити“. Во тек е фазата на изготвување проекти. Се подготвува тендерската документација, а проектната ќе трае околу седум месеци.

Домаќинствата може да се приклучуваат, особено оние кои гравитират околу мрежата од 20 километри. Еден приклучок за домаќинство е околу 500 евра, а можна е и партиципација на општината.

- Секое домаќинство треба само да си инсталира куќен систем. Со мрежата треба да управува претпријатие, најдобро е тоа да биде општинско јавно претпријатие, објаснува Настоски.

Јавниот сектор во Прилеп недвосмислено се согласува да го промени енергенсот со природен гас. Диме Настески, директор на приелпската гимназија вели дека се заложува веднаш, штом ќе биде можно да се приклучат. - Многу е битно што ќе се промени енергенсот. Користиме мазут за загревање кој ја загадува околината. Со природниот гас и ќе заштедиме и ќе се заштити животната средина, нагласува Настески.

Според директорот на Градската болница „Борка Талески“ Драган Богоески, допрва ќе се прават пресметките за заштеда, но инвестицијата секако нема да биде голема. - Системот го имаме, ќе се заменат пламениците и деловите што ќе се адаптираат на новиот енергенс, истакнува Богоески.

Неодамна општината на стопанските субјекти им испрати електронски картички во кои тие ќе ги внесат податоците за потребите и за своите капацитети за да се проектира 20-километарската градска мрежа.



Автор: Администратор
Објавено на: 16/08/2018 16:34