Како градоначалник морам да водам сметка за тоа што ќе се случува во нашиот град во наредните 30 години. Сметам дека сум должен да мислам за овој град, да го предвидам неговиот развој. Мораме да дадеме плански инпут во развојот на градот. Развојот на Скопје во изминатиот период е стихиен и е надвор од каков било план и концепт. Јас за разлика од други сакам да зборувам за концепт на развој на нашиот град, вели скопскиот градоначалник Петре Шилегов во интервјуто за МИА.
Тој појаснува дека кога го презел Град Скопје затекнал три поголеми проблеми. Првиот е булеварот „Трета македонска бригада“ кон Лисиче каде се уште постои перална на среде булевар, вториот е поранешната постојка на автобусот со број 24 во Кисела Вода, кај кружниот тек, а третиот е булеварот „Христијан Тодоровски-Карпош“ во Бутел. Очекува за 30-тина дена да завршат градежните активности во Бутел и кај кружниот тек во Кисела Вода
Според него, Скопје во изминативе триесет години било третирано како несакано дете.
- Наследивме само шест цистерни за миење улици во ЈП „Комунална хигиена“, кои се недоволни. Порано 48 цистерни го имаат чистено овој град. Затоа многу често велам дека Скопје во изминативе триесет години било третирано како несакано дете. Од 48 цистерни за миење на скопските улици да ја доведете „Комунална хигиена“ како јавно претпријатие на шест, некогаш навистина се чудам што работеле луѓето кои пред мене ја извршувале функцијата градоначалник во последните 30 години, рече Шилегов.
Најави зголемување на инфраструктурата на комуналните претпријатија, односно набавка на нови возила, цистерни, контејнери... Посочи дека привршуваат со техничката спецификација на една пообемна и поголема јавна набавка која ќе овозможи Град Скопје да добие нови и пофункционални контејнери од овие кои ги имаме.
- По документ би требало да има шест илјади контејнери за комунален отпад за да се задоволат реалните потреби на Скопје, а во моментов на скопските улици има само 4.250. Имаме една третина помалку контејнери од тие што службите во градот ги предвиделе како потребен број за да кажеме дека можат да се задоволат потребите на граѓаните, изјави Шилегов.
Тој истакна дека сите јавни претпријатија се со проблеми.
Во интервјуто Шилегов зборува за проблемот со кучињата скитници, за капиталните проекти кои допрва треба да се реализираат, за растоварувањето на сообраќајот..