На градскиот стадион во Крива Паланка, од денеска па се до 21 август, ќе се одржува 14-тата отворена летна фудбалска школа „Open Fun Football Schools“.
На годинешната школа учествуваат 180 деца, на возраст од шест до 11 години.
Лидерот на „Опен фан фудбал Крива Паланка", Антонио Јакимовски рече дека е презадоволен од одзивот на дечињата за вклучување во ваков тип забавни школи за дружење преку спорт, а особено го нагласи големиот интерес кај девојчињата.
Децата се поделени во 11 групи со кои ќе работат 11 асистенти, а секој учесник ќе добие маица и реквизити со лого на школата.
Настанот се одржува под покровителство на градоначалникот на општина Крива Паланка, Борјанчо Мицевски и Советот на општината, во соработка со отворените канцеларии на „Open Fun Football Schools“ Македонија.
Локалната самоуправа на Крива Паланка годинава издвои деведесет илјади денари за реализација на школата.