Основните принципи на Црвениот Крст и Меѓународното хуманитарно право, соработката на институциите со Општинската организација на Црвен Крст – Делчево и Црвениот Крст на Република Македонија беа теми на редовниот состанок на Советодавната граѓанска група во Општина Делчево.

Џулиета Мемедова, дисеминатор на ОО на Црвен крст, ги презентираше основните принципи на ЦК на РМ и Меѓународното хуманитарно право и ги претстави програмските активности и области на делување на ЦК на РМ. Во дискусијата беше потенцирана потребата од обука на наставниот кадар, учениците и родителите за препознавање на лицата корисници на алкохол и разни видови дрога, потребата од обука на вработените од институциите за давање прва помош, како и потребата од обука за спасувачи во вода и спасувачи на планини, програми кои се опфатени во работата на ЦК на РМ. Исто така, беше потенцирана и потребата од поактивна улога на Центрите за социјална работа во превенцијата и изработката на социјалниот профил на одредени ученици.

- Целта на средбата беше да се направи поголем линк за соработка помеѓу ОО „Црвен Крст“ Делчево и Црвениот Крст на Република Македонија во различни активности и во сегменти каде што институциите заеднички ќе делуваат превентивно. Заклучоците од оваа средба се многу позитивни за мене и од моето досегашно искуство за првпат институциите заедно со младите волонтери од Црвениот Крст ќе подготват една театарска претстава и трибина која ќе биде помасовна чиишто учесници треба да бидат родителите и учениците, се со една единствена цел да се превенира од злото кај младите од алкохолизмот и дрогата, вели Мемедова.

Советодавната граѓанска група е создадена во рамките на проектот „Соработка помеѓу полицијата и локалното население“ имплементирана од страна на ОБСЕ – Мисијата во Скопје, преку Одделението за соработка со полицијата и локалното население.



Автор: Администратор
Објавено на: 17/08/2018 12:39