Во касарната „Јане Сандански“-Штип денеска свечено беше одбележан Денот на АРМ. На одбележувањето присуствуваа градоначалниците од источниот и југоисточен регион на Македонија, претставници на Сојузот на борците и на државните и локални институции од двата региони.

Командантот на касарната „Јане Сандански“, потполковник Горан Петревски истакна дека гордост е да се биде дел од Армијата чии корени се протегаат длабоко низ вековната борба за слобода и самостојност на македонските воини, востаници и борци. Посочи дека денешниот датум, кој се празнува како Ден на Армијата на Република Македонија, е ден кога во 1943 година на падините на Славеј планина е создадена првата организирана формација на македонската војска, односно формиран е баталјонот „Мирче Ацев“.

Тој забележа дека од осамостојувањето на Република Македонија на 8 септември 1991 година нашата држава формираше армија со сопствени сили и капацитети.

- Со пристапување на иницијатиавта „Партнерство за мир“ во ноември 1995 година АРМ активно почна да учествува во сите активности и обврски како партнер на евроатланската алијанса. Почнувајќи од 1996 година, кога за првпат единица на АРМ учествуваше на мултинационалните воени маневри „Мировен орел 96“ надвор од границите на нашата држава се редеа мултинационални вежбовни активности во организација на АРМ на територија на Република Македонија. Но, респектибилен број на припадници на АРМ учествуваа и учествуваат на меѓународни воени вежби надвор од Македонија рамо до рамо со припадниците на армиите на земјите-членки на НАТО, рече Петревски.

Тој додаде дека во изминатите 26 години припадниците на АРМ секогаш учествуваат во помагање на населението при справување со природните непогоди, а стратегиска определа на АРМ и на секој нејзин припадник е полноправно членство во НАТО.



Автор: Администратор
Објавено на: 17/08/2018 13:19