Лоша инфраструктура, незаинтересираност од централната власт, немање детални урбанистички планови за руралните средини, потреба за стручни консултации и совети за луѓе кои веќе почнале бизнис и потреба образованието да биде во функција на бизнис секторот, се главните заклучоци од средбата која Центарот за стратегиски истражувања и документација од Скопје ја имаше со претставници од локалната самоуправа, бизнис секторот и невладините организации во Делчево.

Средбата, која се одржа вчера, е дел од проектот „Дали плановите на ЛЕР се стимулативни за опстанок или за иселување од општините“ на овој Центар, кој има за цел да покаже кои се плановите на општините за Локален економски развој и колку тие се во функција да се спречи иселувањето во четири градови во Источна Македонија, односно Берово, Делчево, Пехчево и Македонска Каменица.

Александар Писарев од Центарот за стратегиски истражувања и документација, вели дека првите искуства од она што се истражува преку фокус групи, разговори со луѓето и бизнис заедницата на терен, плановите за локален развој се нереални и дека често претставуваат список на желби на локалните моќници односно на локалната власт. Тоа значи дека во иднина сите тие планови ќе мора да се сведат во некои реални рамки и да се води сметка пред се на ресурсите со кои општините располагаат.

- Евидентно е дека се намалува бројот на население и во рамки на проектот се обидуваме да ги откриеме причините, односно причината ја бараме во тоа колку нивните планови за локален економски развој се во функција да се задржи ова население. Првите резултати се оптимистички и покажуваат дека општините се обидуваат на некој начин да направат реални планови за развојот и да успеат да пронајдат некои модалитети младото население се задржи. Меѓутоа од она што првите резултати покажуваат потребна е исклучителна помош на централната власт да се запре процесот на депопулацијата, вели Писарев.

По завршувањето на проектот, како што истакнуваат од Центарот, ќе биде направена сеопфатна анализа во која ќе се укаже на проблемите на локалниот развој на овие општини по што ќе се дадат стручни препораки како во иднина би требало да се подготвуваат тие планови. Проектот треба да заврши до крајот на годината.



Автор: Администратор
Објавено на: 17/08/2018 18:06