Во дворот на ресенскиот Сарај синоќа беше промовирана поетската збирка „Два света” од познатиот поет, филозоф и теолог од Персија, Џелаледин Мевљана Руми.

Поезијата на Руми, кој творел во 13. век, годинава доби превод на современ македонски јазик од Тихомир Јанчовски. Дел од поезијата читаа преведувачот Јанчовски и промоторите, митрополитот Пимен и струмичкиот поет Митко Гогов.

- Во основа Руми е теолог, без разлика на фактот што припаѓа на друга вера. Но, сепак таа е универзална теологија и знае да се повика на чистота на душата и менување на животот на подобро, така што таа припаѓа во моралната теологија. Другата причина поради која што вечерва читав поезија од Руми е навраќањето на времињата кога сум чул за него и сум читал негови песни, што беше доволен мотив да ја истражувам теологијата повторно и повторно, рече митрополитот Европски, г. Пимен.

Дел од преведените песни беа прочитани и од Добрила Грашевска, вокалист на групата Чалгија саунд систем, која на задоволство на публиката изведе неколку стари македонски композиции.

По завршувањето на промоцијата директорот на Домот на културата „Драги Тозија“, Васко Василевски, најави нови културни содржини непосредно пред одржувањето на Преспанскиот јаболкобер, како своевиден предвесник за оваа голема преспанска манифестација.



Автор: Администратор
Објавено на: 18/08/2018 10:47