Продлабочување на досегашната соработка помеѓу Општина Берово и француската општина Ливаро и запознавање со можностите на Берово во повеќе области од општественото делување, беа дел од темите на средбата на советникот за култура и техничка соработка при француската амбасада и директор на Францускиот институт во Скопје, Емануел Рембер со градоначалникот на Берово Звонко Пекевски. На работната средба, која се одвиваше во просториите на општината градоначалникот Пекевски го запозна Рембер со профилот на општина Берово и сето она што го поседува како природни ресурси и капацитети за развој и раст во повеќе сегменти. - Општините Берово и Ливаро веќе низа години наназад имаат одлична соработка. Со господинот Рембер имавме плодна дискусија на повеќе теми меѓу кои токму и за продлабочување на соработката во делот на растот на двете општини во повеќе сегменти. По средбата со директорот Рембер бевме во посета на Малешево Милк Корчовски ДООЕЛ – Берово и Агромакс каде беше запознаен со процесот на преработка на млекото и производите на разни видови сирење, односно преработката и процесот на добивање високо квалитетна сушена слива и други производи кои се сушат во сушарата на Агромакс. Го посетивме и поранешниот објект на дрвно преработувачкиот комплекс „Огражден“, каде од страна на сопственикот на ДИК “Фагус“ кој го рестартира објектот беа презентирани досегашните вложувања во една од најрентабилните индустриски капацитети во Берово, рече Пекевски. Соработката помеѓу француската општина Ливаро и општина Берово е воспоставена 2010 година, а двете општини во август 2012 година потпишаа конвенција за меѓународна соработка.



Автор: Администратор
Објавено на: 19/08/2018 13:08