Делчевските овоштари по вчерашната средба со претставници на Министерството за земјоделство го реализираа најавениот протест со цел, како што велат, до среда да се изнајде решение за проблемот со откупот на сливи во Делчевско. - Во текот на вчерашниот ден имавме состанок со претставници на Министерството и договоривме некои дополнителни мерки да се донесат, да биде дадено два денара на откупувачот и два денара на производителот, а се што ќе остане слива на нивата, да биде фомирана комисија од Министерството која на таа слива ќе и даде пет денари. Ако до среда тоа не се случи, протестите ќе продолжат, изјави Благојчо Митревски, производител од село Град. За да не пропадне родот, овоштарите се согласни на тоа што им се нуди, но само доколку се оствари најавеното. - Поради топлото време сливата веќе почнува да се расипува. Мора што побргу да се реагира, ниска е цената за откуп од пет денари и дополнителни два денара од државата, ама сепак ќе се согласиме и на тоа, рече овоштарот Трајчо Стоилов. Како што истакна производителот Атанас Ангеловски од село Град, ова не е политички протест, туку протест на овоштарите. Овде не протестира ниту ВМРО ниту СДСМ, овде има овоштари кои сакаат да се реши проблемот со откупот. - Ни кажаа од Министерството дека од среда ќе почнат да доаѓаат откупувачи и ако е вистина, ќе прекинат протестите, но ако не, од четврток ќе бараме проценители да вршат проценка на сливата која е падната на нивата, додава Ангеловски. Според агрономот Раде Манасиевски, сливата итно треба да се собере од нивите. Во спротивно, се јавува ризик од појава на болеста монилија. - Родот поскоро треба да се складира, бидејки ќе се појави болеста монилија, а со тоа ќе се создадат нови проблеми за натамошниот род. Затоа апелирам, Министерството да смогне сили да најде решение, за да не се повтори 1984 година кога од преголемиот род, дрвјата од насадот со сливи се скршија и штетата беше ненадоместлива, рече Манасиевски. Во рамки на протестот можеше да настане инцидент зашто со фотоапарат беа евидентирани земјоделските машини кои присуствуваа на протестот, што наиде на негодување од овоштарите. За среќа полицијата интервенираше навреме и не дојде до посериозни проблеми. Утрово пристигна и соопштение од компанијата „Рудине“ која најавува дека од денеска почнува со откуп на модрата слива во Делчевско.



Автор: Администратор
Објавено на: 20/08/2018 14:08