Се преземаат подготвителни активности за санирање на свлечиштето кај Теферич во општина Кисела Вода кои би почнале кон средината на следниот месец, а за тогаш се планира и санација на третиот дел од патот кон тоа место, информира денеска градоначалникот Филип Темелковски, кој со министерот за транспорт Горан Сугарески изврши увид на градежните реаботи за санација на улицата „Христо Татарчев”, крак 22.
На улицата, што секојдневно ја користат повеќе од 1.000 жители, се врши гребење на постојниот асфалтен слој, по што ќе се нанесе нов. Градежните активности треба да завршат за околу дваесетина дена.
- Министерството за транспорт и врски и Владата се партнер и поддржувач на општините и правиме се што е во наша надлежност да помогнеме во делот на проектите и урбанистичките планови за да го помогнеме нивниот развој, вклучително и на Кисела Вода, изјави Сугарески.
Темелковски, пак, потенцираше дека по подготовката на проектите, на што биле фокусирани во изминатиот период, веќе се работи на нивна реализација.
- Моментно се врши санација на крак 22 на ул. Христо Татарчев, а во иднина ќе почне тендерската постапка за крак 14 на оваа улица. Се работи на подготвителни работи за целосно нова атмосферска канализација во Пржино, проект финансиран од Светска банка во износ од 10 милиони денари. Нашиот дел го работиме, а од октомври годинава ќе почнат градежните работи финансирани од Светска банка. По препорака на родителите се работи во повеќе училишта и градинки во општината, изјави Темелковски, дополнувајќи дека се поставува нова енергетски ефикасна фасада во основното училиште „Кирил Пејчиновиќ“ и оти се реновираат тоалетите во училиштата и градинките.
До крајот на следниот месец се очекува да заврши изградбата на кружниот тек на последна 24, што е под надлежност на град Скопје. Активностите, појасни Темелковски, биле стопирани затоа што изградбата почнала пред изборите без регулирани имотно-правни работи. Минатата недела на состанок со град Скопје и со изведувачите од општината добиле информација дека до крајот на следнот месец ќе бидат завршени сите активности.