Привремен сообраќаен режим на булеварот „Македонија“ (зад Музејот на Град Скопје и ТЦ „Рамстор“) ќе биде воведен од 22 август поради изведување градежни активности за изградба на подземна сообраќајница од страна на компанијата „Лимак“, информираат од Град Скопје.

Поради градежни работи ќе се извршат и промени во трасите на автобусите на јавниот превоз кои се движат по оваа сообраќајница.

Трасата на движење на автобуската линија бр. 9, во насока од Клиничкиот центар кон Скопје Север ќе биде сменета на тој начин што на крстосницата меѓу улицата „Јордан Мијалков“ (поранешната улица Железничка) и улицата „Герман“, автобусите нема да вртат лево кон булеварот „Македонија“. Автобусите ќе продолжат да се движат право и подоцна ќе се приклучат кон булеварот „Македонија“ преку привремена улица пред натпатникот на улицата „Павел Шатев“, при што ќе продолжат да се движат по постојната траса на линијата бр.„9“.

Согласно овие промени, автобуското стојалиште на булеварот „Македонија“ кое е во непосредна близина на катната гаража (наспроти седиштето на „Макпетрол“) привремено ќе се премести на улицата „Јордан Мијалков“, по пешачкиот премин кој води до „Урбан парк“, информираат од Град Скопје и апелираат сите учесници во сообраќајот да се придржуваат на привремено воведениот сообраќаен режим, да ја почитуваат поставената патна сигнализација и брзината на движење да ја приспособат на условите на патот.



Автор: Администратор
Објавено на: 20/08/2018 18:58