Владата на Република Македонија направи измени на проектната документација за изградба на гасоводот низ Парк шумата Водно со што е намалена количината на дрвја што треба да бидат исечени и е намалена широчината на трасата од 25 на 10 метри, а нејзината должина низ Парк шумата Водно е скратена за четири километри, порача министерот за транспорт и врски Горан Сугарески на денешната прес-конференција во Владата.
- Ако Владата и Градот Скопје одделија средства за пошумување на Парк шумата Водно и ние тврдиме и гарантираме дека тоа ќе се случи. Мислам дека сме направиле се за да продолжи изградбата на гасоводот на Водно. Невладините организации беа комплетно инволвирани во овој процес. Со нив беше разговарано и комуницирано четири-пет месеци. Ние сме на ставот дека гасоводот е стратешки приоритет и дека евентуалната мала штета што ќе се направи при неговата изградба двојно ќе ја надоместиме. И ние не го даваме Водно и ние сакаме да го заштитиме, Тоа е наше заедничко богатство и нема да дозволиме на никаков начин да ја загрозиме природата и да и наштетиме на животната средина, рече министерот Сугарески.
Промената на трасата, како што истакна директорот на Македонски енергетски ресурси (МЕР) Бајрам Реџепи, ќе значи одложување на проектот за најмалку пет години и дополнителни 20 милиони евра, но, како што посочи, тоа не е единствениот проблем, бидејќи за трасата по северниот дел на Скопје ќе треба да се исече повеќе шума, таа ќе поминува низ ерозивен дел, низ густо населен појас, а, како што кажа, е недозволиво и ќе треба да се сече со главниот водоснабдителен систем за Скопје.
Заменик-министерот за животна средина Јани Макрадули истакна дека гасификацијата ќе значи за 31 отсто намалување на загадувањето во Градот Скопје, а скопскиот градоначалник Петре Шилегов порача дека Скопје не може да ја спречува гасификацијата на останатите градови во Македонија и додаде дека обезбедил Градот да добие 43 милиони денари од МЕР за пошумување на Водно, уверување од Министерството за одбрана дека ќе се пошумат и ерозивните делови на Скопска Црна Гора, владина поддршка за регулирање на речните корита на Лепенец и Серава, еден милион евра од МЖСПП за намалување на загадувањето..