Безбедносната состојба во општина Струмица е релативно добра, но потребно е итно да се зголеми бројот на полицајците во Полициската станица од општа надлежност, бидејќи од потребните 140 сега работат 66 полицајци, оценија членовите на Советот на општина Струмица на денешната тринаесетта седница.
Тие ја разгледаа и усвоија информацијата за состојбата со јавната безбедност и безбедноста на сообраќајот на патиштата на подрачјето на општина Струмица за периодот од 1 јануари до 30 јуни оваа година и при тоа побараа засилени и зачестени контроли на сообраќајната полиција и зголемување на бројот на позорникарите и поставување на камери на фреквентни сообраќајници.
Советот го усвои и кварталниот извештај за извршување на буџетот на општина Струмица, како и извештајот од процена на штета од природна непогода од град, дожд и ветар од 7 јули оваа година. Комисијата проценила дека невремето причинило штета од над 34 милиони денари на површина од над 102 хектари.
По усвојувањето од страна на Советот, извештајот се доставува до Републичката комисија за процена на штети, па до Министерството за финансии, односно Владата, која одлучува со колку проценти од проценетата штета ќе биде извршено обештетувањето.
Советот донесе одлука за давање согласност за вклучување на општина Струмица во основање на Бизнис иновациски центар во Струмица.
Советниците донесоа одлука за изградба на фекална канализација во село Вељуса, доуредување и реконструкција на пристапна пешачка патека до Габровските водопади и изведба на улица со шеталиште во населеното место Градско Балдовци.
Советниците ги усвоија шестмесечните извештаи за работа на јавните претпријатија „Паркиралишта“ и „Струмица гас“, а ги усвоија и предлог програмите за изградба на спортски сали и еден затворен базен во три основни училишта.