Сопственик на објект во изградба спроти хотелот Арка во Старата скопска чаршија го демонтирал скелето кое било поставено на хотелот, пријавила попладнево во полиција вработена во „Арка“.

Како што информираа од МВР, полицијата веднаш излегла на лица место по добиената пријава и констатирале дека се работи за имотно правен проблем и дека не бил нарушен јавниот ред и мир. Лицата биле предупредени и упатени да го решат проблемот преку надлежните институции.

- По одредено време, превентивно, повторно е излезено на лице место и по извршениот разговор со лицата затекнати пред хотелот, полицајците биле известени дека засегнатите страни се упатиле во Општина Чаир, појаснуваат од МВР.

Подоцна во полициската станица Бит пазар повторно добиле пријава дека некој го попречува влезот во хотелот, односно не им дозволувал излез на гостите. Од полицијата велат дека повторно излегла на терен и констатирале дека нема никакво попречување на влез и излез за лица од хотелот. МВР информира дека дополнително се превземаат мерки и активности во утврдувањре на фактите од пријавата и целосно расчитување на случајот.

Попладнево пристигна соопштение од Сашо Џиковски, соптвеникот на хотелот Арка, кој вели дека од утрово во хотелот траел вандалски напад од 20 хулигани организирани од сопственик на дивоградба која се гради во Старата скопска чаршија.

Според него, полиција интервенирала неколку пати, меѓутоа од полициската станица Бит пазар одбивале да реагираат со образложение дека повеќе не биле во можност да ја гарантираат нивната безбедност и телефонски им порачале да си ангажираат приватно обезбедување.

- Во моментов како заложници во хотелот сме сопствениците и персоналот, како и 30 странски гости на кои не можеме да им ја објасниме целата ситуација. Ова е резултат на неколку месечен напад со цел насилно затварање на хотелот и превземање на паркинг просторот, а истото е потикнато од нашата етничка припадност, како последната македонска фамилија која оперира во Старата скопска чаршија и овој дел од градот. Објектите и опремата кои се уништуваат се сопственост на хотел Арка и за истите имаме соодветни одобренија и дозволи, вели Џиковски.



Автор: Администратор
Објавено на: 23/08/2018 20:30