Градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев денеска оствари средба со претставници од Американскиот совет на млади политички лидери кои се во неколкудневна посета на Република Македонија.
Претставници од граѓански организации, советници, новинари и истакнати млади луѓе од Соединетите Американски Држави имаа можност да се запознаат со начинот на кој функционира локалната самоуправа во Македонија.
Богоев ја објасни поделеноста на надлежностите меѓу скопските општини и Градот Скопје, начинот на избор на градоначалникот, водењето на политичката кампања и механизмите со кој граѓаните и Советот на Општината можат да ја контролираат работата на градоначалникот.
„Од големо значење е да се покаже конзистентност. Тоа што сте го зборувале кон граѓаните, да направите напор да го реализирате, да бидете достапни и отворени за комуникација и соработкаа. Затоа што општините се сервис на граѓаните и одговорноста навистина е голема.“ - рече Богоев.
Присутните се интересираа за актуелните проблеми со кои е соочена Општината, загадувањето на воздухот и непланската урбанизација спроведувана во изминатиот период.
Тие споделија искуства и од своите локални заедници, посочувајќи дека и град како Њујорк има сериозни проблеми со квалитетот на живот и големиот број на граѓани кои живеат во субстандардни услови.
Важно е отворено да се разговара за проблемите и да се преземаат активности за нивно решавање, со вклученост на граѓаните и сите засегнати страни, согласни беа присутните.
Делегацијата на млади лидери ќе оствари средби и со други институции и организации.
На крајот од средбата, градоначалникот Богоев ги покани присутните на првата вечер од Карпошовото културно лето и изрази желба за продолжување на успешната соработка и размена на искуства.