Советот на општина Гази Баба едногласно го изгласа ребалансот на буџетот, кој е зголемен за нови 65.575.000 денари, кои ќе се искористат во реализација на нови капитални проекти.
- Различните ставови и политичките спротивности беа ставени на страна и сите советници го донесоа ребаланс на буџетот, кој првпат е зголемен и кој ќе значи многу повеќе проекти за граѓаните и поголем развој на општината, рече денеска на прес-конференција градоначалникот Борис Георгиевски.
Тој најави дека дел од средствата ќе бидат наменети за зголемување на сместувачкиот капацитет во градинките, изградба на две спортски сали во основните училишта „Вера Јоциќ“ во Хиподром и „Кирил и Методиј“ во Стајковци, како и спортски центар Црешево – Стајковци.
Приоритет во патната инфраструктура е реконструкција и проширување на регионалниот пат Раштак – Бутел од 5 километри со изградба на потпорен ѕид, изградба на патни делници до викенд населбите во Булачани и од Виниче до Страчинци.
- За нови инфраструктурни проекти обезбедивме нови 10.200.000 денари за изградба на нови локални улици, како и нови 5 милиони денари за реконструкција на улиците во општината, рече Георгиевски.
Со ребалансот како капитален проект е предвиден приклучок на 1.200 домаќинства на системот за парно греење во Триангла и Хиподром, а обезбедени се 19 милиони денари за изградба на монтажни паркинг гаражи во Автокоманда, со кои значително ќе се растовари метежот со паркирање. Со нови 20 милиони денари се најавува дека Трубарево ќе добие функционален канализациски систем, а фекална канализација во наредните две години треба да добијат Јурумлери, Виниче, Црешево и Смилковци. Исто така со 20 милиони денари се планира да се стави целосно во функција новата населба Хиподром 2. Дополнителни 4.500.000 денари се наменети за носење нови детални урбанистички планови и документи кои ќе ја забрзаат легализацијата и изградбата на нови капитални објекти.