Постапките за набавка на електронски картички и избор на консултант за ревизија на електронскиот систем за наплата се во согласност со Законот за јавни набавки и се реализирани поради оправдана итност. Генералниот директор на ЈСП „Скопје“ Кристијан Чушков на денешната прес-конференција информира дека во првото полугодие од 2018 година продажбата на електронски картички-билети е зголемена за речиси 20.000 билети повеќе во однос на истиот период лани.
- Ваквото зголемување пројави опасност од евентуален недостиг од овие картички и тоа во пресрет на почетокот на новата учебната година. За да се спречи недостигот на картички во услови на крајна итност беше отворена постапка со преговарање во која учествуваа три понудувачи: ИД Кардс која понуди 120 денари за картичка, Коннектел со 125 денари за картичка и досегашниот добавувач Македонски Телеком со цена од 130 денари по картичка, по што е избран најповолниот понудувач, појасни Чушков. Додаде дека е лажно тврдењето оти бил направен договор во четири очи. Постапката, како што рече е во целосна согласност со Законот за јавни набавки.
Тој информира дека поради нефлексибилноста на досегашните билети и по укажување на граѓаните, изработуваат нов систем за наплата и валидација на билети. За изработка на квалитетна техничка документација за новиот систем бил распишан оглас за консултантски услуги. На овој оглас се јавил само еден понудувач и тој бил избран.
- Станува збор за две различни постапки, во кои се избрани две различни фирми, во целосно законска постапка. Во текот на постапката согласно закон сме немале обврска да ги споредуваме адресите на кои биле основани овие фирми. Но, дури и да сме ги споределе адресите, согласно закон сме немале право да ги дисквалификуваме фирмите заради тоа што биле основани на иста адреса, додаде Чушков.
Директорот Чушков го повика ВМРО-ДПМНЕ на јавно соочување за работата на ЈСП „Скопје“ и за овие две постапки.