Екипите на ЈП „Водовод и канализација“ во првите шест месеци од 2018 година имале 8.547 интервенции на водоводната мрежа во Скопје, односно ја реконструирале водоводната мрежа или изградиле нова мрежа на 33 делници во градот, санирале дефекти на водоводните линии, менувале водомери и други зафати.

Во делот на одржувањето на канализациската мрежа, пак, во истиот период екипите на ЈП „Водовод и канализација“ извршиле 147.594 интервенции, односно ги чистеле канализациските линии и ги одзатнувале, чистеле сливници, поправале шахти и друго.

За извршување на овие активности претпријатието вклучило разновидна механизација – вакуум цистерни, цистерни под притисок, специјализирани возила и друго.

Во делот на финансиите, односно расходите и трошоците, „Водовод и канализација“ споредбено со истиот период лани, во првите шест месеци од 2018 година ги намали трошоците за 70.000.000 денари. Трошоците за хлор и натриум се намалени три пати, за рекламирање пет пати, трошоците за осигурување се намалени за 43 проценти, банкарските провизии 52 отсто, а обврските кон добавувачите се намалени од 362.689.030 на 150.440.287 денари.

Наплатата на тужен долг, пак, е зголемена за шест пати.

Финансискиот резултат на претпријатието е 65 милиони денари подобар од ланскиот за истиот период.



Автор: Администратор
Објавено на: 28/08/2018 00:43