Покрај донесувањето на полугодишните извештаи за работа на ЈП ПОЦ, секторите во општината како и извештаите за работа на градинките, на продолжението на 16-тата седница, советниците ги усвоија и измените и дополнувањата на блoкот девет од Деталниот урбанистички план „Градска четврт Ј 07“ – локалитети Капиштец, Старо Водно, Долно Водно, Мало Курило и Цвеќара, соопштија од Општина Центар.
Советот на општина Центар, вчера го заврши продолжението на 16-тата седница и ја одржа 17-тата седница.
- Блокот 24, кој исто така беше предложен за измени и дополнувања, но поради низа неправилности, меѓу кои и зголемениот број на жители и возила, станбени објекти, како и потребата од повеќе зеленило, на предлог на градоначалникот Саша Богдановиќ, со 23 гласа „за“ и еден „воздржан“, се донесе одлука за недонесување на измените и дополнувањата на Блок 24, наведоа од Општина Центар.
Оттаму велат дека со донесувањето на измените и дополнувањата на тие два блока, кои се наоѓаат во близина на новото училиште во Капиштец, ќе се овозможи непречено и безбедно функционирање на околните јавни објекти и ќе го олесни движењето на учениците и пешаците, а и на тој начин ќе се направи усогласување со Генералниот урбанистички план (ГУП), донесен од Град Скопје.
- Се додека не се донесат измените и дополнувањата, нема да се гради на територијата на Блокот 24 од ДУП-от „Градска четврт Ј 07“, истакнаа од Општина Центар.
Советниците, на 17-тата седница на општина Центар, со 14 гласа „за“ и шест „против“, по 4-ти пат ја продолжија одлуката за запирање на спроведувањето на Деталните урбанистички планови, односно мораториумот за градби на територија на општината.
- Со донесувањето на оваа одлука, општината прави чекор кон подобрување на животната средина и овозможување на похумани и нормални услови за живеење на жителите на Центар, информираат од Општината.
Посочуваат дека, покрај продолжувањето на мораториумот за градби, на седницата советниците ги усвоиле и програмата за реконструкција и санација на градинки и основни училишта, одлуката за објавување конкурс за сценска уметност, како и одлука за прифаќање донација за урбана опрема од Амбасадата на Република Словенија во Македонија.