Општина Аеродром, во соработка со ЈП „Комунална Хигиена“ и ЈП „Паркови и зеленило“, денеска спроведе акција за чистење.

По тој повод, градоначалникот Златко Марин истакна дека чистата животна средина е еден од главните приоритети на општина Аеродром, посочувајќи дека најефикасните резултати се постигнуваат токму преку соработка и заеднички акции како денешната.

- Како локална самоуправа ние ангажираме околу 120 работници кои секојдневно се грижат за чистотата на јавните површини и нивното секојдневно одржување, рече Марин.

Тој смета дека има простор за напредок на тоа поле.

- Токму затоа планираме набавки на дополнителна механизација, за што веќе алоциравме средства, истакна градоначалникот на Аеродром.

Тој информираше дека општината работи на подигнување на јавната свест, како и дека инспекциските служби се постојано на терен.

- Имаме континуирана комуникација со повеќе граѓански организации за размена на информации и идеи, преку кои ги подобруваме понудените услуги. Наша цел е да обезбедиме чисти јавни површини и животна средина за нашите жители и да продолжиме посветено да работиме во оваа насока, изјави Марин.

Директорот на ЈП „Комунална хигиена“, Абдусамед Шабани, апелираше до граѓаните да се придружат на акциите со цел постојано да се одржува хигиената.

- Ќе чистиме и во споредните улици, со голема поддршка од Паркови и зеленило. Како Комунална хигиена секогаш ќе бидеме присутни не само во Аеродром туку и во другите општини, истакна Шабани.

Директорот на ЈП „Паркови и зеленило“ Адриан Муча информираше дека претпријатието учествува со околу 60 лица во целата акција.

- Ова е дел од акциите што ги започнавме со Град Скопје, почнувајќи од Ѓорче Петров, па ќе завршиме во Општина Шуто Оризари, наведе Муча.



Автор: Администратор
Објавено на: 03/09/2018 14:44