Во велешкото село Иванковци започната е доградбата на училиштето „Стојан Бурчевски -Буридан“ во кое учат 90 ученици од прво до деветто одделение.
- Нашата намера е во сегашното монтажно училиште со четири премали училници да срушиме еден ѕид во средината и да направиме две, како и да доградиме барем уште три - четири училници. Целта е учениците и наставниците да имаат нормални услови за воспитно -образовниот процес, изјави за МИА градоначалникот на Велес, Аце Коцевски, кој денеска се сретна со Советот на родители и Училишниот одбор на училиштето.
Тој потсети дека во пожарот од 15 јуни 2011 година до темел изгорела училишната зграда со спортската сала и оти со средства од осигурителната компанија било направено монтажното училиште.
- Со средства од осигурителната компанија тогаш е направена мала монтажна училишна зграда-карабина која е недовршена, а е со минорно мали училници за што некој ќе треба да сноси одговорност, рече Коцевски.
Монтажното училиште, вредно три милиони денари, свечено беше пуштено во употреба на 14 септември 2011 година. Тогаш беше ветено од страна на надлежното Министерство дека училиштето ќе биде доградено и повторно ќе добие спортска сала.
За училиштето во селото Клуковец, каде учат деца од прво до петто одделение, како што информира градоначалникот Коцевски, од страна на Министерството за образование и наука било побарало да се достави извод од Детален урбанистички план. - Тоа училиште ќе влезе во финансиската програма за капитални инвестиции на Министерството за образование и наука за следната година. Очекуваме до почетокот на следната учебна година, училиштето да биде изградено, рече Коцевски.
Градоначалникот најави градежни активности и во останатите училишта во Велес. Ќе се меннуваат кровните конструкции во ООУ „Кирил и Методиј“ и на машинската работилница во ССОУ „Коле Неделковски“.