На дванаесеттиот меѓународен фестивал на шлагер и староградска песна „Пеј срце“ што се одржа во бугарскиот град Ќустендил, во конкуренција на околу 1.000 исполнители, Распеани гевгеличани го освоија првото место во категоријата на групи над 10 членови.

Фестивалот се одржал под покровителтво на градоначалникот на Ќустендил,Петар Паунов, според кого целта била да се зачува и промовира шлагерот и помасовно да се вклучат младите кон лиричноста и убавината на старата градска песна.

Најинтересен е фактот што организаторот на фестивалот аплицирал за Гинисовата книга на рекорди во категоријата најголем број исполнители. За таа цел 500 учесници на фестивалот од Македонија и Бугарија заедно ги исполниле двете познати староградски песни „Брала мома капини“ и „Болен ми легнал Миле Попјорданов“.

Во Ќустендил немало претставници на организацијата Гинисова книга на рекорди, но организаторот ги обезбедил сите потребни документи и видео запис од настанот.



Автор: Администратор
Објавено на: 04/09/2018 11:55